Голем пожар што избувна синоќа во областа Локва Рогозница во Хрватска во текот на ноќта се прошири кон Омиш, зафаќајќи го подрачјето над градот и приближувајќи се до централното градско подрачје.
Огнената стихија загрози бројни куќи и објекти, поради што дел од жителите и туристите беа евакуирани. Во пожарот изгореа автомобили и објекти, а причинета е и значителна материјална штета.
Состојбата е особено сериозна и поради бројот на повредени. Во текот на ноќта медицинска помош побарале 43 лица, од кои 14 биле задржани во болница. Осум лица се во животно-загрозувачка состојба.
Во гаснењето на пожарите се вклучени и хрватските воени сили. Од раните утрински часови на терен се ангажирани противпожарните воздухопловни сили, а војската учествува во гаснењето на пожарите во Омиш, Пељешац и Задар.
Ситуацијата дополнително ја отежнуваат условите на терен, поради што надлежните служби апелираат на внимателност и почитување на упатствата за безбедност.
Полицијата денеска околу 13:30 часот, при преглед на опожареното подрачје, пронашла тело на едно лице. Во тек е и потрагата по 34-годишна жена од Босна и Херцеговина, која исчезнала додека се обидувала да избега од пожарот.

