Технолошкиот гигант Мета избриша повеќе од 750.000 сметки на Инстаграм и Фејсбук во Австралија за кои постои сомнеж дека им припаѓаат на корисници помлади од 16 години, соопштија денеска од компанијата.
Акцијата се спроведуваше во периодот меѓу декември и јуни, како дел од почитувањето на австралискиот закон за забрана за користење социјални медиуми за оваа возрасна категорија.
Според објавените бројки, деактивирани се 462.000 сомнителни сметки на Инстаграм и 294.000 профили на Фејсбук.
Претходно во јануари, компанијата соопшти дека веќе отстранила 331.000 сметки на Инстаграм и 173.000 на Фејсбук.
Забраната во Австралија официјално стапи во сила на 10 декември минатата година, по растечката загриженост за штетното влијание на социјалните мрежи врз менталното и физичкото здравје на младите. Од Мета порачаа дека ќе го почитуваат законот, иако во фазата на носење изразија несогласување со мерката.
Во меѓувреме, австралискиот интернет-регулатор најави можни санкции за сите платформи кои недоволно ги спроведуваат правилата. За таа цел, владата ги зголеми паричните казни за прекршување на законот на речиси 70 милиони американски долари и му додели проширени надлежности на регулаторот.
Податоците од официјалните студии во земјата покажуваат дека и покрај засилените мерки, над 80 проценти од корисниците под 16 години сè уште пристапувале до социјалните мрежи во првите три месеци од стапувањето на забраната.

