Партиијата Левица денеска остро реагираше на, како што тврди, „неовластен и незаконски упад“ во лични банкарски сметки на нејзини пратеници, за кој директно ја обвинува владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштението Левица вели дека се направен преседан со обелоденување на информации добиени без налог и без постоење на било какви индиции за сторено кривично дело.
„Наместо да го истражуваат криминалот на Заев и Мијалков, ДПМНЕ го користи државниот апарат за политичка репресија врз свои противници. Овие информации може да се добијат само преку посебни истражни мерки, а во случајов тие се прибавени незаконски“, изјави Круме Богевски, портпарол на кампањата на Левица за локалните избори.
Од Левица додаваат дека исплатените суми се легални и транспарентни, а дека ова е обид за дискредитација и за замена на теми.
„Јавно повикуваме – ако веќе се следат трансакциите на пратениците на Левица, тогаш нека се објават и приходите на семејството Заев. Дали тоа ќе се случи? Не, бидејќи таму лежи вистинскиот криминал“, стои во партиското соопштение.
Партијата обвини и дека ВМРО-ДПМНЕ упорно го крие сопствениот имот, на кој, според Левица, Државниот завод за ревизија веќе нотирал сериозни недостатоци – за разлика од нивните сопствени финансиски извештаи, кои се „без забелешки“.
„Официјално побаравме информации поврзани со недвижниот имот на ДПМНЕ, но одговор не добивме – што претставува прекршок, потврден и од Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер“, посочуваат од Левица.
Партијата најави дека нема да отстапи од борбата за, како што велат, „вистинска демократија и правна држава“, обвинувајќи ја ВМРО-ДПМНЕ за хунта и политичко прогонство.