Од Министерството за здравство денеска соопштија дека во текот на оваа недела во земјава биле регистрирани седум нови случаи на инфекција со вирусот Западен Нил (WNV).
Како што посочија од Министерството, сите случаи се од Скопје: по два од општините Кисела Вода и Гази Баба и по еден од Илинден, Бутел и Аеродром.
Новозаболените лица се на возраст од 60 до 84 години и сите се хоспитализирани.
„На Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во моментот се хоспитализирани вкупно 16 пациенти. Кај 15 од нив инфекцијата е лабораториски потврдена, додека за еден суспектен случај се очекуваат резултатите. Тројца пациенти се во критична состојба и се интубирани. Станува збор за повозрасни лица со придружни заболувања“, велат од МЗ и воедно додаваат дека останатите пациенти биле во стабилна состојба и добивале соодветен третман.
Досега во државата се регистрирани вкупно 20 случаи на инфекција со вирусот Западен Нил. Првиот случај бил пријавен на 15 мај 2026 година во Велес.
„Најефикасната превенција е заштитата од убоди од комарци. Се препорачува да се избегнува престој на отворено во зори и во самрак, кога комарците се најактивни, како и да се користат репеленти и заштитни мрежи на вратите и прозорците. Граѓаните треба редовно да ги отстрануваат застоените води од дворовите и терасите, бидејќи тие претставуваат погодни места за размножување на комарците“, порачаа од МЗ.

