Националната организација за јавно здравје на Грција (ЕОДИ) потврди 65 локално стекнати случаи на западнонилска треска, од кои дури 23 биле регистрирани само во изминатата недела.
Според официјалните податоци заклучно со 5 август, кај 54 пациенти се развиле сериозни невролошки компликации, меѓу кои енцефалитис, менингитис и акутна флакцидна парализа, додека останатите 11 заразени имале лесни симптоми или без зафаќање на нервниот систем.
Здравствените власти досега регистрирале шест смртни случаи од последици на вирусот.Сите починати биле лица постари од 65 години кои развиле тешка форма на невролошко заболување.
Во грчките болници во моментов сè уште се лекуваат 20 пациенти. Осум од нив се сместени на одделите за интензивна нега, а четворица се наоѓаат на одделите за зголемен надзор.
Вирусот Западен Нил годинава е потврден во вкупно 25 општини ширум Атика, Тесалија и Централна Македонија.
Најпогодена е општината Спата-Артемида со 11 случаи, пред Маркопуло Месогеас со седум и Палини со пет регистрирани заразени. Инфекции се забележани и во Лариса, Кардица, Трикала, Пела и во Серес, додека уште неколку случаи сè уште се под дополнителни испитувања.
Поради близината до жариштата и поволните услови за ширење на вирусот преку комарците, ЕОДИ дополнително прогласи уште седум општини за високоризични зони.
Грчките здравствени власти очекуваат појава на нови заразени и апелираат до граѓаните да применуваат мерки за заштита — употреба на репеленти, носење долга облека, поставување заштитни мрежи на прозорците и редовно отстранување на застоената вода во која се размножуваат комарците.

