Политиките за привлекување нови авиокомпании и отворање нови авиолинии даваат конкретни резултати, а македонските аеродроми бележат историски рекорди по бројот на патници и реализирани летови.
Ова го изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во емисијата „Вести плус“ на Канал 5 телевизија, нагласувајќи дека растот на авио-сообраќајот е силен показател за развојот на туризмот, бизнисот и целокупната економија.
Тој посочи дека Владата води паметна политика на субвенционирање и привлекување нови авиопревозници што резултира со рекордни бројки на двата меѓународни аеродроми во државата.
„Почнавме една доста паметна политика на субвенционирање и привлекување нови авиолинии и нови компании кои ќе оперираат од Македонија. Од друга страна, тука е и силната поддршка за туризмот. Денеска излегоа две исклучително важни бројки. Охридскиот аеродром само во еден месец опслужил 52.500 патници, што претставува раст од 41 проценти во однос на истиот период лани. Дополнително, на 20 јули се реализирани повеќе од 20 летови во еден ден, што е апсолутен рекорд за овој аеродром. Во Скопје, пак, само во јули се опслужени 409.000 патници и реализирани се 2.670 летови. На 20 јули беа реализирани 101 лет во текот на еден ден, што е нов апсолутен рекорд за Скопскиот аеродром. Ако продолжиме со ова темпо, многу брзо ќе достигнеме бројка од четири милиони патници годишно, нешто што до пред неколку години беше незамисливо за Македонија“, истакна Николоски.
Според вицепремиерот, овие статистички податоци рефлектираат реални луѓе кои доаѓаат во земјава, престојуваат и трошат средства за туризам и бизнис.
Тој додаде дека ефектите од зголемениот сообраќај директно се чувствуваат преку раздвижувањето на целокупната домашна економија.

