Основното јавно обвинителство во Гостивар отвори истражна постапка против четири лица од селото Добри Дол, во Општина Врапчиште, кои се осомничени за кривичното дело „Предизвикување општа опасност“ поради употреба на огнено оружје за време на свадбена прослава.
Според информациите од Обвинителството, инцидентот се случил вечерта на 31 јули во дворот на семејна куќа во селото, каде што за време на свадбата осомничените користеле три пиштоли и една пушка од засега непозната марка и калибар. Тие испукале повеќе истрели во воздух, со што, според обвинителството, ги довеле во опасност животите на поголем број гости присутни на прославата.
Постапката е поведена по кривична пријава поднесена од Министерството за внатрешни работи, за кривично дело предвидено во член 288 став 3, во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Гостивар доставил предлог за определување мерка притвор за четворицата осомничени. Како една од причините е наведена опасност од бегство, а за еден од нив е посочено дека, покрај македонско, поседува и словенечко државјанство.

