Современото рударство денес функционира според сосема поинакви стандарди од оние што јавноста најчесто ги поврзува со старите рудници, оценуваат претставници на стручната јавност.
Претседателката на Македонското геолошко друштво, професорката Соња Лепиткова, вели дека рударските технологии бележат значителен напредок, а како пример го наведува системот на суво одлагање на јаловината, кој е предвиден и во проектот „Иловица–Штука“.
Во услови кога Европа обезбедува нови извори на критични минерали за зелената транзиција, дел од научната јавност смета дека современите рударски проекти треба да се оценуваат врз основа на актуелните технологии и стручните анализи, а не според искуствата од минатото.
„Технологиите за ископ и преработка на метали со годините значително напредуваа. Таков пример е сувото одлагалиште, кое е современо решение за складирање на рударската јаловина“, истакна професорката Лепиткова во изјава за Канал 5 ТВ.
Таа додава дека Македонија има стручни кадри кои можат да ги имплементираат ваквите нови практики во домашните рударски капацитети.
„Нашите инженери од сферата на геологијата, рударството, металургијата и останатите инженерски области коишто треба да вклучени во работата на овие капацитети имаат висок потенцијал – научен, професионален, експертски и стручен“, тврди Лепиткова.
Според неа, реализацијата на инвестицијата во Иловица ќе доведе до развој на целиот регион и на другите економски сектори. Директни придобивки би се почувствувале од новите работни места, приходите во локалните буџети, како и соработката со останатите бизниси. Претходно и во Стратегијата за минерални суровини 2026-2046, беше истакнато дека многу средини како Македонска Каменица, Крива Паланка, Пробиштип, Злетово, Радовиш, Новаци и други, веројатно одамна би биле напуштени и згаснати поради миграцијата на населението, доколку не постојат рудниците.
„Низ годините наназад се гледа дека во одредени делови на Македонија рударските капацитети придонеле, не само за местата каде што постојат, туку на целиот регион и на целата држава. Ова е моментот кога Европа и целиот свет кубурат со ретки, расеани, критични минерали коишто ние ги имаме и ние тој момент треба да го искористиме. Секако, сѐ она што се работи да биде со високи перформанси, еколошки запазени стандарди и од тоа да нема никаква отстапка“, заклучува професорката по геологија Лепиткова.
Претходно и универзитетскиот професор Благој Голомеов, коментирајќи го проектот за рудник за бакар во Иловица, потенцира дека современите технологии овозможуваат целосно безбедна работа на рудниците. Тој истакна дека сега веќе постои технологија која може да биде сосема безбедна за примена. Професорот и геолог Ѓорѓи Димов пак, нагласи дека денешното рударство се разликува од некогашното по примената на современи технологии и строгите европски стандарди за заштита на животната средина. Но, освен од стручната јавност, проектот во Иловица добива поддршка и од локалната иницијатива „И здравје и работа“. Оттаму неодамна истакнаа дека е време Македонија да избере развој заснован на знаење и да се реализира проектот за рудникот „Иловица – Штука“.
„Во изминатиот период бројни професори, геолози, инженери и други експерти јавно зборуваа за современите технологии што денес се применуваат во рударството и за високите европски стандарди за заштита на животната средина. Нивните ставови заслужуваат внимание и почит, бидејќи се темелат на знаење, долгогодишно искуство и научни факти. Веруваме дека државата треба да ги слуша токму тие гласови. Одлуките за стратешки проекти не смеат да зависат од притисок од мала група на луѓе кои немаат ниту некакво образование, ниту некакво искуство во рударството, туку од законите, стручните анализи и институциите. Само така може истовремено да се заштитат природата, здравјето на граѓаните и јавниот интерес“, посочија од „И здравје и работа“.
Од иницијативата дополнија дека доколку проектот не ги исполнува пропишаните еколошки и технички критериуми не треба да биде реализиран, но доколку ги исполнува сите стандарди, тогаш Македонија не смее да ја пропушти можноста за една од најголемите инвестиции во поновата историја.

