Нов раст на цените на горивата се очекува утре по вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски. По последното покачување неделава кога дизелот скокна за пет и пол денари, а бензините за денар и пол тој најави дека Владата повторно ќе интевенира со намалување на акцизите.
„Немаме направено калкулација за покачувањата, ќе има секако, бидејќи нафтата и бензините драматично пораснаа изминатата недела. И курсот на доларот е малку посилен во споредба со претходната недела. Ние како Влада ја продолживме кризната состојба уште три месеци. Цените се такви што сигурно ќе имаме намалување на акцизите и кај дизелот и кај безоловните горива“, изјави Мицкоски.
Владината предлог-одлука за продолжување на кризната состојба стигна во Собранието. Пратениците ќе гласаат за неа задутре, по скратена постапка.
Со неа бара продолжување на кризната состојба до 20 октомври, наместо до 20 јули, каква што е сегашната одлука. Владата во обрзложнието како причина ги наведува сè уште присутните ризици за снабдувањето со нафта и нафтени деривати.
„Според некои проценки, сообраќајот на нафта низ Ормускиот Теснец е намален за 90 отсто, поради што постои опасност од недостиг на нафта на светско ниво и значително зголемување на цените на светските пазари. Овие случувања имаа негативно влијание и врз Република Македонија“, се наведува во образложението.
Кризната состојба беше прогласена на 22 март, а потоа продолжена за уште 90 дена. Во меѓувреме, Владата донесе мерки за ублажување на последиците, како намалување на ДДВ-то и акцизите за горивата.
На светските берзи, суровата нафта од типот Брент се искачи над 88 долари по барел, што е највисоко ниво во последниот месец.

