Рокот за аплицирање за финансиска поддршка за приклучување на домаќинствата на системот за природен гас е продолжен до 31 октомври 2026 година, информираат од Општина Куманово.
Мерката на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини предвидува субвенција до 30.000 денари, односно покривање до 70 отсто од трошоците за изведба на куќен приклучок на дистрибутивниот систем за природен гас или за набавка на гасен котел.
Средствата ќе се доделуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“, до нивното целосно искористување. Од Општина Куманово ги повикаа граѓаните да ги достават барањата навреме, имајќи предвид дека градот располага со значителна гасификациска мрежа.
Директорот на ЈП „Куманово-гас“, Марко Митровски, посочи дека граѓаните можат да искористат две субвенции – од Општината и од Министерството, со што значително се намалува трошокот за приклучување.
Според него, приклучокот во моментов чини околу 77.000 денари, а со двете субвенции од вкупно 55.000 денари, учеството на граѓаните би се намалило на околу 22.000 денари.
Митровски додаде дека домаќинствата кои веќе имаат приклучок можат да аплицираат за државна поддршка за набавка на гасен котел до 30.000 денари. Тој информираше и дека ЈП „Куманово-гас“ овозможува плаќање на приклучокот на рати, до 12 месечни рати без дополнителни трошоци.
Од претпријатието посочуваат дека користењето природен гас придонесува за намалување на загадувањето, бидејќи при согорувањето не создава пепел и чад и има помало влијание врз животната средина во споредба со цврстите горива.

