Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги повика граѓаните да го користат ГИС порталот – дигитална платформа која овозможува брз и транспарентен пристап до општинските услуги и информации.
Преку порталот граѓаните можат на едно место да ги следат актуелните информации, тековните и планираните инфраструктурни проекти, јавните повици, новостите и активностите на локалната самоуправа.
„Со едноставна регистрација, секој граѓанин добива пристап до широк спектар на дигитални услуги и информации. Нашата цел е преку современи алатки да ја подобриме комуникацијата со граѓаните, да ја зголемиме транспарентноста и да овозможиме полесен пристап до општинските услуги“, истакна Герасимовски.
Корисниците преку ГИС порталот можат да се информираат за општинските новости, културните настани, јавните повици, инфраструктурните зафати, но и да учествуваат во анкети, консултации и граѓански форуми.
Порталот постојано се надградува со нови функционалности, меѓу кои е и модулот за градинки, преку кој родителите имаат персонализиран пристап до информации за активностите на своето дете, присуството и известувањата од градинката.
Дополнително, достапни се информации за деталните урбанистички планови, можност за електронско поднесување барања за извод од ДУП, 3Д приказ на општината преку дигитален близнак, Зелен катастар, како и податоци за јавната инфраструктура, сообраќајната мрежа и просторните карактеристики.
Од Општина Центар велат дека преку развојот на ГИС порталот се создава поефикасна, модерна и транспарентна локална самоуправа, со полесен пристап до услугите за сите граѓани.

