Во рамките на истражната постапка што ја води предметен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а која се однесува на организирана криминална група инволвирана во нелегален увоз, дистрибуција и апликација на медицински лекови и медицински помагала, во текот на вчерашниот ден беа реализирани претреси на пет локации во Скопје, меѓу нив и на две здравствени установи. При тоа, се приведени три лица, од кои двајца доктори.
Врз основа на прибраниот доказен материјал, јавниот обвинител донесе Наредба за спроведување истражна постапка против четири лица. Тројца осомничени се товарат за кривичните дела „злосторничко здружување“ и „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“, додека едно лице е осомничено за кривичното дело „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“. По предлог на надлежниот јавен обвинител, на сите четворица осомничени судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје им определи мерки на претпазливост.
Предметот е оформен во април годинава кога беше донесена Наредба за спроведување на истражна постапка против 17 физички и шест правни лица за кои постои основано сомневање дека се инволвирани во извршување на кривичните дела „злосторничко здружување“, „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ и „примање поткуп“. Истрагата продолжува во насока на целосно расчистување на сите околности на случајот и утврдување на евентуална инволвираност и на други лица.

