Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари билатерална средба со министерката за економија на Косово, Артане Ризваноли, во рамки на Неформалниот министерски совет на Енергетската заедница во Приштина.
На средбата беше потврдена заедничката определба за продлабочување на енергетската соработка меѓу двете земји.
Во фокусот на разговорите беа регионалното енергетско поврзување, сигурноста во снабдувањето, како и диверзификацијата на енергетските извори.
Двете министерки разговараа и за забрзаната интеграција на регионот во единствениот европски енергетски пазар.
Министерката Божиновска истакна дека денешните предизвици бараат партнерства што ги надминуваат националните граници. Според неа, Западен Балкан мора да настапува како поврзан и отпорен енергетски простор.
„Енергетската безбедност денес не се гради поединечно, туку заеднички. Колку повеќе сме поврзани како соседи, толку сме посигурни како држави. Македонија останува силно посветена на регионалната соработка, затоа што само преку заеднички инфраструктурни проекти, интегрирани пазари и координирани политики можеме да обезбедиме стабилно, сигурно и достапно снабдување со енергија за нашите граѓани и стопанството“, истакна Божиновска.
На средбата беше оценето дека регионалната инфраструктурна поврзаност и развојот на нови коридори се клучен предуслов за поголема енергетска независност.
Воедно, тоа ќе придонесе за подобра отпорност на идни кризи и привлекување нови инвестиции во регионот.
Двете министерки ја потврдија подготвеноста за интензивирање на институционалната соработка во согласност со целите на Енергетската заедница.
Божиновска нагласи дека Македонија останува активен и кредибилен партнер во сите регионални иницијативи што придонесуваат за забрзана зелена транзиција.

