Цените на суровата нафта денеска повторно забележаа раст на светските пазари, поттикнати од новите безбедносни ризици во Персискиот Залив и неизвесноста околу пловидбата низ Ормускиот теснец, како една од најважните светски рути за транспорт.
На лондонската берза цената на барелот достигна 72,97 долари, што е за 98 центи повеќе во споредба со крајот на минатата недела, пренесува 4news.mk.
Истовремено, на американскиот пазар суровата нафта поскапе за 1,14 долари и се тргуваше по цена од 70,73 долари за барел.
Како главна причина за новиот раст се наведува зголемената загриженост кај инвеститорите по најновата размена на ракетни напади меѓу САД и Иран во регионот на Персискиот Залив.
Дополнителна неизвесност создадоа предупредувањата на Иран до бродовите што минуваат низ Ормускиот теснец строго да се движат по утврдените пловни коридори, со напомена дека секое отстапување може да претставува безбедносен ризик.
Во меѓувреме, Оман, во соработка со Меѓународната поморска организација, воспостави две привремени поморски рути северно и јужно од коридорот што го дефинира Иран, со цел да се олесни и обезбеди пловидбата.
Загриженоста дополнително се зголеми по неодамнешниот ракетен напад врз товарен брод во близина на Оман, по што Меѓународната поморска организација ја суспендираше координираната доброволна придружба на трговските бродови во Персискиот Залив.
Иако Вашингтон и Техеран во меѓувреме постигнаа договор за прекин на непријателствата и продолжување на техничките разговори, аналитичарите предупредуваат дека неизвесноста околу безбедноста на пловидбата низ Ормускиот теснец и натаму останува висока.
Според нивните проценки, доколку во наредните денови не се нормализира сообраќајот на танкерите низ теснецот, цените на нафтата би можеле дополнително да пораснат поради стравувањата за нарушување на глобалното снабдување.
Позитивен сигнал за пазарите во меѓувреме претставува обновувањето на товарењето на нафта на терминалот Рас Танура од страна на саудискиот енергетски гигант „Сауди Арамко“, по четиримесечен прекин.

