Бројот на жртвите по двата катастрофални земјотреси што ја погодија Венецуела се зголеми на најмалку 235 лица, додека спасувачките екипи неуморно трагаат по преживеани под урнатините.
Според официјалните податоци, околу 4.300 лица се повредени, а десетици илјади сè уште се водат како исчезнати. Министерот за здравство, Карлос Алварадо, соопшти дека во болниците низ земјата веќе се хоспитализирани повеќе од 1.500 повредени граѓани.
Претседателот на Националното собрание, Хорхе Родригез, информира дека околу 250 објекти се целосно или делумно уништени во разорните потреси.
Веб-страницата наменета за евиденција на исчезнати лица покажува дека досега се пријавени 57.704 исчезнати. Од нив, пронајдени се 7.591, додека судбината на 50.113 лица останува непозната.
Привремената претседателка Делси Родригез изјави дека спасувачките операции продолжуваат непрекинато и дека во земјата пристигнува меѓународна помош. Според неа, поддршка веќе испратиле САД, Доминиканската Република, Ел Салвадор, Мексико и Катар.
Соединетите Американски Држави најавија финансиска помош во вредност од 150 милиони долари, а испратени се и транспортни авиони и бродови за поддршка на спасувачките тимови. Во земјата веќе пристигнале и речиси 188 спасувачи од Ел Салвадор со дополнителни залихи и опрема.
Венецуела беше погодена од два силни земјотреси со јачина од 7,2 и 7,5 степени според Рихтеровата скала. Првиот потрес бил регистриран западно од градот Морон, на карипскиот брег, на длабочина од 13 километри, а набргу следувал втор силен удар на 16 километри југозападно од истиот град.
Воздушните снимки откриваат огромни разурнувања во крајбрежните градови Маикетија и Ла Гваира. Голем број високи станбени и деловни објекти се сериозно оштетени или целосно урнати, поради што десетици илјади жители останаа без покрив над главата.
На социјалните мрежи се појавија драматични видеа кои прикажуваат како спасувачките екипи ги пребаруваат урнатините во целосен мрак, користејќи ги само светлата од мобилните телефони.
Поради недостигот од соодветна механизација, властите очекуваат дека странските спасувачки тимови ќе имаат клучна улога во пронаоѓањето на евентуални преживеани под урнатините.

