И покрај добрата дигитална подготвеност на граѓаните, прифаќањето електронски плаќања кај малите трговци останува ограничено и претставува голем предизвик за платниот систем во земјава, беше истакнато од вицегувернерот на Народната банка Игор Величковски на отворањето на работилницата „Премостување на јазот кај прифаќањето на електронските плаќања од страна на трговците: Форум на засегнатите страни за заклучоците и следните чекори“, организирана во соработка со Светската банка.
Тој посочи дека земјава има силна основа за дигитални плаќања, при што 84% од граѓаните поседуваат платежна сметка, а три од четворица корисници кои имаат сметка користат дигитални канали за плаќања. Дополнително, покриеноста со интернет и мобилна мрежа надминува 90%.
Сепак, повеќе од 90% од плаќањата кај малите трговци сè уште се извршуваат во готовина. Од околу 16.700 трговци, околу 36.000 уреди овозможуваат прифаќање електронски плаќања, што укажува на нерамномерна и концентрирана употреба, особено кај малите бизниси.
Величковски истакна дека клучниот предизвик не е подготвеноста на граѓаните, туку ограничената можност на малите трговци да прифаќаат дигитални плаќања, нагласувајќи дека тие сè уште ги сметаат за скапи и сложени.
Тој посочи дека решението е во воведување поедноставени модели за плаќање, меѓу кои инстант плаќања преку клон на ТИПС, развиен од Банката на Италија за земјите од Западен Балкан, како и QR кодови, плаќања преку алијаси и инстант потврди за трансакции.
Како што рече, овие решенија треба да ги намалат трошоците и сложеноста и да овозможат плаќање „едноставно како примање порака на телефон“.
Вицегувернерот ја нагласи и соработката со Светската банка во реформите, вклучително и приклучувањето кон СЕПА и модернизацијата на платниот систем, со цел секој мал трговец да може лесно и евтино да прифаќа дигитални плаќања.

