Во Собранието денеска ќе заседава Комисијата за одбрана и безбедност, на која ќе се одржи јавна расправа по Предлог-законот за оружјето.
Со предложените законски измени се уредуваат условите за набавување, поседување, носење и пренесување, чување, производство, поправање, деактивирање, промет и посредување со оружје, како и трансфер, превоз, претовар и пренесување преку државна граница на оружје, неговите делови и муниција.
Од Собранието информираат дека со донесувањето на законот се очекува унапредување на постојните законски решенија и надминување на практичните предизвици со кои се соочува Министерството за внатрешни работи како надлежен орган. Дополнително, се предвидува усогласување на националната регулатива со релевантните европски и меѓународни акти, меѓу кои директиви и регулативи на Европската Унија, како и протоколи на Обединетите нации поврзани со контролата на огнено оружје.
На јавната расправа се поканети претставници од надлежни институции, организации и експерти од областа на одбраната и безбедноста, кои ќе имаат можност да учествуваат и да ги изнесат своите ставови и мислења за предложените законски решенија.

