Во организација на Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу Грин“ – Скопје, денеска ќе се одржи Конференција за одржлив транспорт во Скопје, проследена со практична презентација на планираните решенија за јавен превоз во градот.
Целта на конференцијата е да поттикне дијалог, соработка и размена на искуства меѓу институциите, експертите, граѓанските организации и сите засегнати страни кои работат на создавање поквалитетен, поефикасен и поодржлив транспортен систем за граѓаните.
Во рамки на настанот, учесниците ќе имаат можност одблиску да се запознаат со различните форми на јавен и активен превоз. Предвидено е организирано возење со автобус по трасата на планираниот БРТ-систем, возење по Рута 2 од најавениот Градски воз, како и велосипедска тура низ постојната велосипедска инфраструктура во Скопје.
Организаторите посочуваат дека ваквите активности имаат за цел да ја подигнат јавната свест за значењето на одржливата мобилност и да придонесат кон развој на современи и еколошки транспортни решенија во главниот град.

