Времето во соседна Грција радикално ќе се промени во рок од само 24 часа. Додека денес граѓаните и туристите сè уште чувствуваат високи температури и влажност, метеоролозите најавуваат привремено заладување од петок, придружено со локални бури, град и пад на температурата.
Според најновата прогноза на познатиот грчки метеоролог Јоргос Цаторфилијас, тропскиот бран ќе биде накратко прекинат претстојниот викенд, а нестабилноста ќе го зафати поголемиот дел од земјата.
Промените ќе почнат да се чувствуваат уште од денеска попладне со локални врнежи од дожд и грмотевици во континенталниот дел, пред сè во планинските региони на Пелопонез, централна Грција и грчка Македонија. Денешните температури ќе се движат од 30 степени на островите до 34 степени во внатрешноста.
Главниот бран на атмосферска нестабилност со силни грмотевици, интензивни молњи и локален град се очекува в петок. Обилни врнежи од дожд ќе го погодат и поширокиот регион на Атика во најтоплиот дел од денот, по што температурата значително ќе опадне.
Постепено смирување на ситуацијата се очекува во сабота, кога врнежите ќе ослабнат и ќе се задржат главно во источните и јужните делови, а максималните температури нема да надминат 29 до 30 степени.
Во недела следува целосно разведрување, но метеоролозите предупредуваат дека на островите значително ќе засили северниот ветер Мелтеми, кој во Егејското Море ќе достигне јачина до 7 бофори.

