Со свечена церемонија на плоштадот „Скендербег“, денес официјално беше отворен Албанскиот саем на книгата – Скопје 2026, прв настан од ваков вид во главниот град, организиран од Општина Чаир во соработка со Институтот за книга и промоција од Тирана.
Во своето обраќање пред присутните, градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, истакна дека овој саем претставува значаен момент за албанскиот јазик, културата и книгата.
„Денес Скопје зборува на албански јазик. Зборува преку гласот на книгите, преку јазикот на мислата и преку присуството на нашата пишана култура, на отворањето на Албанскиот саем на книгата за првпат во овој град.“
Меџити нагласи дека организирањето на овој саем претставува важен чекор во афирмацијата на албанската култура во јавниот простор и во промоцијата на читањето кај младите генерации.
„Овој саем претставува значаен момент за албанскиот јазик и култура, како доказ за нивната живост и за силата на пишаниот збор. Тоа е чекор што ја поставува албанската книга во центарот на јавниот простор и го потврдува континуитетот на еден културен идентитет што не избледува.“
Албанскиот саем на книгата – Скопје 2026 ќе биде отворен за посетителите до 7 јуни и ќе понуди промоции на книги, средби со автори, литературни дискусии и бројни културни активности со учество на издавачки куќи од сите албански простори.
На крајот од своето обраќање, Меџити ги повика граѓаните да бидат дел од овој значаен културен настан.
„Дојдете секој ден, до 7 јуни, на плоштадот „Скендербег“, за заедно да ѝ оддадеме почит на книгата и на албанскиот јазик.“

