Јагленосани тела на четири мажи беа пронајдени во запален автомобил на италијанска бензинска пумпа, објави денес новинската агенција ДПА.
Телата биле откриени во комбе кое се запалило на бензинска станица во градот Амендолара, лоциран на југот од земјата.
Според првичните полициски извештаи, постојат сомневања дека жртвите се мигранти од Пакистан, кои наводно работеле на блиска фарма како сезонски земјоделски работници. Многу Азијци се вработени во земјоделскиот сектор во овој регион, каде често се соочуваат со ниски плати и лоши услови за работа.
Официјалните лица соопштија дека околностите на смртта сè уште не се познати, поради што истражителите во моментов ги разгледуваат сите можни сценарија.
Телата биле пронајдени од страна на пожарникарите, кои биле повикани да интервенираат на пожарот во понеделник околу 13 часот.
Веднаш по инцидентот, бензинската пумпа, која се наоѓа на главниот пат покрај морето, беше целосно опколена од силни полициски сили.
Повикувајќи се на свои истражни извори, италијанската новинска агенција АНСА објави дека четирисете мажи можеби биле жртви на тешко кривично дело.
Полицијата веќе ги презема материјалите од безбедносните камери. Инспекторите се надеваат дека камерите за надзор на самата бензинска пумпа ќе дадат клучни одговори за тоа како избувнал пожарот во комбето.
Инаку, селото Амендолара, каде живеат околу 3.000 луѓе, е дел од регионот Калабрија, кој во меѓународната јавност е познат по дејствувањето на моќната мафијашка организација „Ндрангета“.

