Цените на нафтата на светските пазари забележаа пад од околу пет проценти, приближувајќи се до најниското ниво во последните пет недели. На меѓународниот пазар, суровата нафта Брент се тргуваше по околу 96 долари за барел, додека американската лесна нафта WTI падна на 89 долари за барел, покажуваат податоците на „Трејдинг економикс“.
Главна причина за ваквиот пад се пазарните очекувања за можен мировен договор меѓу САД и Иран, што би довело до повторно отворање на Ормускиот теснец и долгоочекувана стабилизација на снабдувањето со енергенси.
Оптимизмот на пазарот уследи по извештајот на иранската државна телевизија за наводен нацрт на привремен договор за прекин на конфликтот меѓу Техеран и Вашингтон. Сепак, од Белата куќа веднаш реагираа и ги отфрлија ваквите обвинувања како „целосни измислици“.
Евентуалното деблокирање на Ормускиот теснец е клучно за светската економија, со оглед на тоа што низ оваа точка минуваат околу 20 проценти од глобалните испораки на нафта и течен природен гас. Неговото отворање значително би го намалило притисокот врз пазарите.
Сепак, низа клучни прашања и понатаму остануваат нерешени, вклучувајќи го пристапот до замрзнатите ирански средства и гаранциите за безбеден премин на бродовите.
Околу дипломатските напори, американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека разговорите би можеле да траат уште неколку дена, додека иранските претставници потврдија дека индиректните контакти со Вашингтон ќе продолжат.
Засега, Ормутскиот теснец останува во голема мера затворен, иако два супертанкери кои не се поврзани со Иран, за прв пат по една недела поминаа низ оваа стратешка линија.

