Во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија денеска свечено ќе биде отворен 4. Форум за културна дипломатија Скопје 2026, кој годинава се одржува под мотото „Од крстопати кон поврзувања: Културната дипломатија и иднината на глобалниот дијалог“.
Форумот е во организација на Кабинетот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, Меѓународниот центар Алијанса на цивилизациите од Скопје и Институтот за културна дипломатија од Берлин, со поддршка на Министерството за култура и туризам и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
На настанот ќе учествуваат дипломати, политичари, експерти, уметници и јавни личности од Македонија, САД, Германија, Франција, Унгарија, Словенија, Хрватска, Србија и Црна Гора.
Свеченото отворање ќе биде проследено со воведна сесија и панел-дискусија на тема „250 години подоцна: Демократијата, културната моќ и значењето на глобалниот дијалог во свет во промени“, чиј домаќин ќе биде министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Според организаторите, дискусијата ќе биде посветена на улогата на демократијата, културната дипломатија и глобалниот дијалог во градењето доверба, соработка и стабилност во услови на засилени геополитички предизвици.
На отворањето ќе се обратат министерот Тимчо Муцунски, в.д. амбасадорот на САД Никол Варнес, поранешниот претседател Ѓорге Иванов, директорот на Институтот за културна дипломатија од Берлин Марк Донфрид, композиторот и пијанист Дуке Бојаџиев и поранешниот амбасадор Васко Наумовски, кој ќе биде и модератор на сесијата.
Во рамки на Форумот ќе се одржат повеќе тематски панели и настани во институции од државно и културно значење, меѓу кои Кабинетот на претседателката, Собранието и Музејот на Град Скопје. Посебен акцент ќе биде ставен и на проектот „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“, преку дискусии посветени на културата, креативноста и културната дипломатија.
Во пресрет на официјалното отворање, синоќа во „Вила Водно“ беше организиран прием за учесниците, на кој претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го истакна значењето на културната дипломатија како мост за поврзување меѓу народите и цивилизациите.

