Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска упати јавен повик до премиерот Христијан Мицкоски и владејачката коалиција за распишување референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат за евроинтеграцискиот процес на земјата.
Поводот за оваа реакција, како што соопшти Филипче на прес-конференција, се вчерашните изјави на премиерот дека земјата е подготвена да ја плати цената и дека нема да има нови отстапки за влез во Европската Унија.
„Вчера го слушнавме Христијан Мицкоски, рече нема повеќе отстапки за влез во Европската Унија, подготвени сме да ја платиме цената. Се поставуваат две прашања – кои се тие отстапки и кои се тие што ќе ја платат цената? За отстапките слушнавме до сега. Се што кажаа, всушност било една голема лага. Ќе го враќаа името, ќе го поништуваа Преспанскиот договор, биле загрозени јазикот, идентитетот и така натаму“, изјави лидер на СДСМ.
Според Филипче, претходната реторика на ВМРО-ДПМНЕ поврзана со стратешките договори и идентитетот почнала да се менува со нивното доаѓање на власт. Тој посочи дека клучните функционери веќе ја прифатиле реалноста на постигнатите договори.
„Христијан Мицкоски самиот призна дека Преспанскиот договор е ремек дело на дипломатијата. Претседателката Сиљановска Давкова призна дека со договорот, внимавајте, е потврден идентитетот и јазикот, Тимчо Муцунски го слушнавме кажа дека со влезот во НАТО загарантирана е безбедноста и се подобрува бизнис климата во државата. За жал, тоа тие не знаат и не можеле да го искористат“, додаде Филипче.
Во својот говор, претседателот на опозициската партија истакна дека последиците од блокадата на европскиот пат и моменталните економски политики ќе паднат директно на товар на граѓаните, обвинувајќи ја власта за презадолжување и отсуство на соодветни мерки.
„Цената ја плаќаат сите граѓани. Цената ќе ја платиме сите ние. Нашите семејства, децата и младите. Оваа банда на власт едноставно не знае како да се води државата. Нема капацитет, знаење за ништо. Ја презадолжија земјата. Стандардот го урнисаа. Граѓаните едвај преживуваат од први до први во месецот“, рече Филипче.
Филипче потенцираше дека СДСМ нема да прифати политики кои водат кон изолација и иселување на младите, поради што смета дека прашањето за иднината на земјата мора да се врати кај народот преку изјаснување.
„Ова, почитувани граѓани, е референдумско прашање. Не може Христијан Тино Мицкоски да одлучува за нашите судбини. Едноставно, доста е. Мора граѓаните да одлучат за тоа. Затоа што граѓаните, нивните семејства, нивните деца, ќе ја плаќаат цената на овие погрешни политики на Мицкоски. Распишете референдум, прашајте ги граѓаните. Не може вие да одлучувате за судбината на сите кои што живеат во државата“, заклучи претседателот на СДСМ.

