Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска присуствуваше на показната вежба на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, која се одржа во населбата Автокоманда по повод Денот на пожарникарите и одбележувањето на 190-годишниот јубилеј.
Тошковски преку социјалните мрежи упати честитки за празникот и изрази јавна благодарност за секојдневниот ангажман на противпожарните тимови.
„Денеска присуствував на показната вежба на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје во Автокоманда, организирана по повод Денот на пожарникарите и значајниот јубилеј – 190 години организирано противпожарно дејствување во Скопје. Упатувам искрени честитки и огромна благодарност до сите пожарникари кои секојдневно, тивко и пожртвувано, се борат за спасување човечки животи, домови и имот. Тоа е професија која бара храброст, дисциплина, пожртвуваност и подготвеност во секој момент да се стави туѓиот живот пред сопствениот.“
Министерот направи паралела помеѓу полициската служба и противпожарната дејност, нагласувајќи ја нивната заедничка будност во кризни состојби.
„Пожарникарите и полициските службеници имаат многу заедничко бидејќи и едните и другите се постојано будни, секогаш подготвени да реагираат кога граѓаните имаат најголема потреба од помош. Тоа се луѓе кои не прашуваат кога е тешко, туку веднаш застануваат во заштита на безбедноста, сигурноста и животот на граѓаните.“
Тој го заокружи своето обраќање со оценка за успешноста на изведената тактичка вежба на терен.
„Денешната вежба уште еднаш покажа колку се важни подготвеноста, професионалноста и координацијата на службите кои се грижат за безбедноста на државата. Нека е честит Денот на пожарникарите! Благодарност за вашата служба, храброст и посветеност.“

