Денеска времето во Македонија ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Во крајните западни и источни региони од земјата ќе има услови за појава на слаб локален дожд. Во текот на денот ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен ветер од северен правец кој ќе достигне брзина до 50 километри на час.
Минималната температура во државата ќе се движи во интервал од 5 до 13, додека максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје и околината се очекува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува умерен до повремено засилен северен ветер, особено во делови од котлината. Минималната температура во главниот град ќе се спушти до 9 степени, а максималната ќе се искачи до 24 степени.
Од УХМР најавуваат дека променливото време со умерен до засилен северен ветер (над 50 км/ч) ќе се задржи и во наредните денови, но вистинската промена пристигнува веќе од четврток. За тогаш се предвидува изолирана појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Сериозно влошување на времето се очекува за време на продолжениот викенд.
„Во петок и во деновите од продолжениот викенд на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд, над 20 литри на метар квадратен, грмежи и силен ветер, над 60 километри на час“, предупредуваат од УХМР.

