Штипската полиција поднесе кривична пријава против 65-годишен маж, управител на образовен центар, под сомнение за недолично однесување кон малолетни ученички. По лишувањето од слобода, на осомничениот веќе му е одредена мерка притвор.
Според информациите од МВР, станува збор за лицето А.Ш. (65) од Штип, кој бил приведен на 11 мај околу 20 часот. Тој се сомничи дека во подолг период, за време на дополнителна настава, ги допирал ученичките по телото.
„Случајот бил пријавен во полициска станица од страна на родители, во присуство на ученичките и претставници од Јавната установа – Меѓуопштински центар за социјални работи Штип“, стои во полициското соопштение.
По наредба на суд, извршени се претреси во домот на А.Ш. и во просториите на образовниот центар, при што се одземени предмети кои ќе служат како доказ во постапката.
Судија на претходна постапка му одреди мерка притвор во траење од 30 дена, додека случајот е целосно документиран со кривична пријава.

