Судскиот процес за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата, продолжува денеска во судницата во КПУ „Идризово“. Предвидено е изведување на материјалните докази, со што постапката влегува во нова, клучна фаза.
Тимот обвинители што го застапува предметот, вчера на брифинг со медиумите информираше дека сослушувањето на вербалните докази е при крај. Останати се уште неколку сведоци, вклучително и лица кои поради здравствени причини не се во состојба да сведочат, како и едно лице кое престојува во странство. Обвинителството најави дека за овие сведоци ќе се бара читање на нивните искази.
Фокусот на денешното рочиште ќе биде насочен кон изведување на судско-медицинските обдукциски наоди кои ги утврдуваат причините за смртта на 63-те жртви во пожарот. По презентирањето на наодите, пред судот ќе биде повикано вешто лице за да одговори на сите отворени прашања поврзани со вештачењата.
Судењето, кое започна на 19 ноември минатата година, досега опфати сведочења на преживеаните, семејствата на жртвите, гостите, инспекторите и претставниците на локалните институции. Случајот го води судијката Дијана Грувеска Илиевска, а интересите на обвинението ги штити тим од 15 јавни обвинители.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ се случи на 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК, при што животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени.

