Државата покажува сериозен капацитет да води големи инфраструктурни проекти, а заборавените планови сега преминуваат во сериозна реализација. Ова е главната порака што вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, ја испрати од денешниот работен состанок посветен на развојот на Коридорот 8, организиран во соработка со Делегацијата на Европската Унија.
Според Николоски, во патната и железничката инфраструктура долж овој витален правец се инвестираат околу 5 милијарди евра. Тој потсети дека значењето на Коридорот 8 е потврдено и од НАТО, кој го прогласи за втор најзначаен безбедносен коридор.
Осврнувајќи се на патната инфраструктура, вицепремиерот даде детален преглед на активностите, нагласувајќи дека веќе се пуштени во употреба обиколницата на Крива Паланка и експресниот пат до Страцин.
„Заедно со Европската Унија, во рамки на Планот на раст, ќе работиме на изградба на експресен пат помеѓу Куманово и Страцин. Тоа значи дека од границата со Албанија до границата со Бугарија ќе имаме комплетно автопатско или експресно решение. Во моментот, со ’Бехтел и Енка‘ работиме на автопатите Тетово – Гостивар и Гостивар – Букојчани, ја завршуваме делницата Охрид – Кичево, а во финална фаза сме за избор на изведувач за Кичево – Букојчани“, истакна Николоски.
Тој додаде дека се завршени или се во фаза на проширување и граничните премини Деве Баир и Ќафасан. За предизвикот со УНЕСКО околу трасата кон Струга и Ќафасан, Николоски беше дециден дека автопат ќе има, а ќе се дискутира само за точната рута.
Во делот на железницата, ексклузивната вест е дека за помалку од десетина дена ќе биде распишан тендерот за изградба на третата, најкомплицирана фаза од пругата кон Бугарија (Крива Паланка до заедничкиот тунел).
„Излезе тендерот за избор на надзор за оваа фаза. Очекувам градежните активности да започнат во текот на летото“, најави Николоски, додавајќи дека се планира и реконструкција на пругата од Скопје до Кичево.
На крајот, тој упати порака до соседните Бугарија и Албанија да покажат иста посветеност, бидејќи огромните инвестиции на Македонија нема да имаат ефект доколку од другата страна на границата изостанат активностите.

