Премиерот Христијан Мицкоски денеска му ја честиташе победата на Петар Маѓар на парламентарните избори во Унгарија, изразувајќи надеж дека новата влада во Будимпешта ќе биде силен сојузник на македонскиот пат кон Европската Унија.
Во изјава за медиумите, претседателот на Владата истакна дека од промената на политичкото раководство во Унгарија очекува континуитет во поддршката за македонските државни интереси.
„Очекувам проевропски, проинтегративни политики и поддршка за Македонија за членство во Европската Унија“, изјави Мицкоски, упатувајќи му јавни честитки на Маѓар за изборниот триумф.
На новинарско прашање за тоа дали очекува враќање на поранешниот премиер Никола Груевски кој е во азил во Будимпешта, Мицкоски рече дека нема очекувања дали и кога тој ќе се врати. Рече дека има одлука за отслужување на затворска казна, а доколку тој се врати, тогаш има право, како и секое лице во државата, да се жали на судската одлука.

