Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во наредните три дена ќе престојува во Соединетите Американски Држави, каде ќе оствари низа значајни средби и активности. Во рамките на посетата, тој ќе има средби со претставници на Светската банка и со високи претставници на Стејт департментот, а исто така ќе се обрати на главната пленарна сесија на годишниот форум „Transforming Transportation 2026“, заедно со еврокомесарот Апостолис Цицикостас.
На форумот, Николоски ќе говори на тема „Коридори за одржливо поврзување“, со посебен акцент на стратешките паневропски коридори во Република Северна Македонија и инфраструктурните проекти што се реализираат во партнерство со Владата. Во своето обраќање, тој ќе потенцира на актуелните градежни активности, вклучително изградбата на автопатските делници, како и планираната изградба на брза пруга на Коридорот 10 и железничкото поврзување со Бугарија на Коридорот 8, при што ќе истакне значењето на овие проекти за регионалната поврзаност и економскиот развој.
Покрај учеството на форумот, за време на посетата се предвидени и низа билатерални средби со менаџментот на Светската банка, каде што ќе се разговара за тековните и идните проекти што ги реализира Владата и Министерството за транспорт во соработка со оваа финансиска институција.
Николоски ќе ја искористи посетата и за средби со високи претставници во Стејт департментот, со цел да се продлабочи партнерството и економската соработка помеѓу Република Северна Македонија и САД како стратешки партнер. Исто така, се предвидени и средби со претставници на Републиканската партија, со цел да се дискутираат можности за развој на долгорочна соработка и поддршка за инфраструктурни и транспортни проекти во земјата.
Оваа посета претставува значаен чекор во јакнењето на меѓународната позиција на Македонија, унапредувањето на регионалната поврзаност и промоцијата на стратешките инфраструктурни проекти кои имаат клучно значење за економскиот развој на државата.

