Во судницата во затворот „Идризово“ денеска продолжи судењето за трагичниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“. Во својство на сведок, предложен од Обвинителството, свој исказ даде Ана Костадиновска, придружен вокал на групата ДНК, која била на сцената во моментот кога избувнал пожарот на 16 март 2025 година.
Костадиновска пред судот објасни дека прскалките се активирале за време на рефренот на песната „Што сака нека биде“, што било вообичаена пракса на нивните настапи. Таа нагласи дека во првите моменти никој не ја сфатил сериозноста на ситуацијата, сè додека не почувствувале силна топлина.
Опишувајќи го моментот на евакуација и хаосот кој настанал, Костадиновска истакна:
„Панчо повика да излеземе, но никој од нас не ја сфати сериозно ситуацијата. Се движевме бавно кон излезот. Забележав врата десно од мене и ги повикав да излеземе од таму, но беше заклучена. Потоа излеговме по подолгиот пат кога ситуацијата веќе ескалира.“
Сведокот додаде дека во метежот паднала и дека ѝ помогнало момче од Виница да се извлече од стампедото.
„Лично не видов повеќе никој од бендот. Паднав во стампедото, настана хаос. Се чувствуваше силен мирис, што нè тераше на спиење. Ми помогна едно момче, кое беше до мене и нè држеше будни. Ногата ми беше приклештена, имаше многу луѓе. Во еден момент се почувствува свеж воздух, што ни даде надеж.“
Костадиновска, која сè уште ги чувствува здравствените последици од повредите и изгорениците, на прашање на одбраната и обвинителството рече дека не знае кој точно ги поставувал и активирал прскалките во клубот.

