Фондација Славко Јаневски денеска во 13 часот ќе го соопшти романот што ќе ја понесе титулата „Роман на годината“.
На прес-конференција во просториите на Друштво на писателите на Македонија ќе биде објавено името на авторот и на добитничкиот роман.
Наградата „Роман на годината“, која годинава се доделува по 27-ми пат, се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари. Генерален покровител е Комерцијална банка АД Скопје, а поддршка има и од Министерство за култура и туризам на Северна Македонија.
На конкурсот годинава пристигнаа 46 романи. Жири-комисијата во состав: Калина Малеска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Иван Антоновски, Ивана Трајаноска, Иван Шопов и Катерина Богоева, по неколку селекции ги издвои шесте романи во најтесниот избор.
Во финалниот круг се најдоа:
- „Александар јава на запад“ од Венко Андоновски
- „Необјавен фељтон“ од Владимир Илиевски
- „Кривата Дијана: (роман за верижната вина)“ од Фросина Пармаковска
- „Фобос: деконструиран роман“ од Соња Станковска
- „Три Марии: (роман – басма)“ од Оливера Ќорвезироска
- „Повратник со две лица“ од Ивица Челиковиќ
Минатогодишен лауреат беше романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска, објавен од издавачката куќа Или-или.


