НАТО и американската армија ја интензивираат соработката во Европа преку голема воена вежба која ќе опфати територија од Северна Норвешка до Црното Море, изјави претставник на германската армија, пренесе ДПА.
Околу 2.000 воени лица од земјите членки на НАТО ќе учествуваат во годишната вежба „Avenger Triad“, која ќе се одржува од 6 до 15 октомври. Информацијата ја соопшти генерал-мајор Бјорн Шулц од германските вооружени сили во седиштето на американската армија за Европа и Африка во Висбаден.
Вежбата „Avenger Triad ’26“ нема да биде конвенционална воена вежба, туку ќе се спроведува преку симулации за команда и контрола. Во обуката ќе биде вклучена и вештачка интелигенција, со цел да се тестира способноста на западните вооружени сили за побрза и поефикасна координација преку националните граници во случај на напад.
Посебен акцент ќе биде ставен на употребата на современи технологии и комуникацијата во реално време преку мобилни уреди. Целта е воените единици постојано да располагаат со ажурирани информации за состојбата на бојното поле.
Мајорот Бен Шиф од американската армија изјави дека западните вооружени сили извлекле поуки од војната во Украина, каде што по почетокот на целосната руска инвазија во 2022 година брзо се развиваа воените капацитети во областа на беспилотните летала.
Вежбата треба да овозможи дополнително тестирање на начинот на кој сојузничките армии разменуваат информации, носат одлуки и ги координираат операциите во услови на современ вооружен конфликт.


