Интерната комисија за кардиолошки и кардиохируршки интервенции утврдила дека голем број операции биле непотребно извршени или непотребно препорачани, соопшти денеска министерот за здравство, Азир Алиу, на прес-конференција.
Од вкупно 25 пристигнати случаи, Комисијата анализирала 19.
„Кај 10 случаи утврди дека се непотребно извршени операции или непотребно се упатени за операции“, истакна министерот Алиу.
Комисијата, исто така, одлучи шест од доставените случаи да ги испрати до Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), бидејќи тие се надвор од нивната директна надлежност.
Претседавачот на комисијата, д-р Жарко Христовски, појасни дека во оваа првична фаза се анализирала само потребата од реваскуларизација – односно интервенции кај пациенти со васкуларна болест.
Сите други типови на кардиолошки пациенти ќе бидат предмет на анализа во следната фаза од работата на Комисијата или по добивање на нови пријави.

