Трендот на намалување на бројот на пациенти со симптоми на гастроентеритис во Гостивар продолжи и во текот на вчерашниот ден (21.07.2026 година).

Според податоците од јавните здравствени установи, регистриран е значително помал број лица кои за првпат побарале лекарска помош.

Во Општата болница „Д-р Ферид Мурад” се евидентирани вкупно 108 нови прегледи, од кои 60 на инфективното одделение, 37 на педијатрија и 11 во Ургентниот центар.

На инфективното одделение се примени двајца нови пациенти на болничко лекување, додека на педијатриското одделение нема нови хоспитализации.

Во Здравствениот дом Гостивар се регистрирани 87 прегледи во дежурната служба и 17 повици до Итната медицинска помош.

На Универзитетската клиника за инфективни болести во Скопје вчера се прегледани тројца пациенти од Гостивар, од кои еден е задржан на лекување.

Министерот за здравство Сашо Клековски ја потврди позитивната тенденција на смирување на состојбата:

„Во текот на вчерашниот ден продолжи континуираниот тренд на стабилизирање на состојбата. Во споредба со 20.07.2026 година, кога во Општата болница Гостивар беа регистрирани 183 прегледи, вчера се евидентирани вкупно 108 прегледи, односно намалување од околу 41 отсто. Истовремено, бројот на прегледи во Здравствениот дом е намален од 110 на 87 пациенти, односно за околу 21 отсто, што дополнително ја потврдува позитивната насока на движење на бројките,” појаснува министерот за здравство, Сашо Клековски.

Exit mobile version