Јован Златевски соопшти дека се повлекува од функциите претседател на Републичкиот сојуз на здруженија на лозаропроизводители и претседател на Потсекторската група за лозарство и винарство при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. 

Како што објави Златевски попладнево, причина за ваквиот чекор е недоволната соработка и поддршка од страна на институциите и покрај неговите заложби за  подобрување на положбата на лозарите и на целокупниот сектор.

-Изминатите две години со целосна посветеност и со голема одговорност ги извршував овие две функции. Секојдневно вложував труд и енергија за подобрување на состојбата на лозаропроизводителите и целиот сектор, за да се обезбедат подобри услови за работа и развој. Во текот на мандатот моите активности и иницијативи беа насочени кон повеќе аспекти од развојот на лозарството и винарството меѓу кои: подигнување на стандардот на лозаропроизводителите со цел подобрување на условите за работа на сите производители, исплата според квалитетот на грозјето и шеќерните единици што би ги стимулирало производителите да посветат поголема грижа на квалитетот, примена на стратегијата за развој на лозарството и винарството со цел систематски и долгорочен напредок на секторот, отворање задруги и субвенции до 90 отсто за нови модерни лозови насади и модернизација на постојните заразвој на конкурентни и современи производствени капацитети. За жал, ниту една од овие значајни и неопходни промени не доби поддршка од надлежните институции. Ситуацијата што произлегува од оваа неуспешност ме доведе до заклучок дека, во моменталните услови, не сум во можност да постигнам значајни резултати, кога одлуките и реформите не се реализираат, наведува Златевски.

 Според него, за да се биде ефективен и успешен, потребна е поголема волја и соработка од сите надлежни институции.

-Бидејќи не можам да продолжам да работам во овие околности, се повлекувам од функциите со надеж дека во иднина ќе се создадат услови за посериозна поддршка на лозаропроизводителите и развој на лозарството и винарството, подвлекува Златевски.

Exit mobile version