Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал-Сектор за борба против тероризам до ОЈО ГОКК достави кривична пријава против дваесет годишен жител на Мала Речица за сторено кривично дело Тероризам, дополнително до ОЈО Тетово достави кривична пријава против 89 – годишник за кривично дело Недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.

Осомничениот К.Х (20) на крајот на месец јануари годинава преку социјалната апликација „Discord“ испратил сериозна закана дека е подготвен да изврши напад со огнено оружје – автоматска пушка АК-47 позната како Калашников, притоа појаснувајќи дека истиот е со нарушено психичко здравје. Инспирација за ваков напад , му бил настан од 14.12.2012 година во САД кога Adam Lanza – 20 годишно момче, во Училиште во САД со автоматка пушка убило 26 лица од кои 20 деца.

По добиени информации од Амбасадата на САД во Скопје дека од страна на ФБИ е поднесено барање за итно откривање на „Discord“ профил што се наоѓа во нашата земја, а од каде што се упатени сериозните закани, МВР во координација со ОЈО ГОКК презедоа дејствија за откривање на сторителот. По идентификација и лоцирање на корисничката адреса на 17.02.2026 полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал-Сектор за борба против тероризам со асистенција од САЕ Тигар и во координација со OJO ГОКК, извршија претреси во дом и други простории на локација во Мала Речица, тетовско.

За време на претресите кај К.Х. и кај членови на неговото потесно семејство пронајдени и одземени се повеќе предмети кои се предмет на кривично дело и тоа: различен вид и калибар на огнено оружје, автоматска пушка АК-47 со две рамки со 40 куршуми 7.62х39мм, пиштол „М57“ со две рамки со 49 куршуми, пиштол „CHEROKEE“ со две рамки и повеќе од 600 куршуми 9мм, тактички елеци, борбени елеци (панцир), ножеви со различна должина на сечиво и разни електронски доказни материјали. Две лица се лишени од слобода и притоа против К.Х. е поднесена кривична пријава до ОЈО ГОКК за кривично дело „тероризам“ по член 394-б став 2 од КЗ, а против Џ.Х. е поднесена кривична пријава до ОЈО Тетово за кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“ по член 396 од КЗ.

Exit mobile version