Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) издаде „жолто“ ниво на предупредување за поплави, поради најава за обилни врнежи предизвикани од циклонска активност, кои се очекуваат во текот на ноќта и утрешниот ден во јужните и југоисточните делови на земјата.
Од УХМР посочуваат дека се очекува зголемен водостој на реките и суводолиците во овие региони, со потенцијална опасност од локални излевања.
УХМР предупредува дека висок водостој е можен во следните сливови и региони:
- Струмички регион: Сливот на река Струмица.
- Гевгелиско-Валандовски регион: Река Анска, река Калковска и останатите помали реки и суводолици.
- Дојрански регион.
- Реки од Кожув: Река Бошава, река Дошница, река Коњска, река Кованска, река Серменинска, река Петрова и другите помали реки.
- Долниот дел од сливот на Вардар.
- Битолски регион: Река Елешка (во сливот на Црна Река).
- Охридско-Преспански регион.
Доколку прогнозираните количини на врнежи се остварат, можно е да проработат помалите реки и суводолици, што локално може да предизвика излевања.
„Предупредуваме на внимателно движење покрај реките и суводолиците во јужните и југоисточните делови на земјата во текот на утрешниот ден,“ апелираа од УХМР.

