По краткото но многу силно невреме кое беснееше во Скопје и други делови на Македонија, УХМР ги измери температурите ова утро во осум часот.
Во гевгелија ова утро има највисока температура од 23 степени, а до вчера во овој период веќе беше околу 30 степени. Попова Шапка со 15 степени е местото каде е најсвежо утрово низ Македонија.
Во Скопје по невремето кое направи големи штети, измерени се 21 степени.
УХМР го покажа и количеството врнежи во текот на вчерашниот ден низ Македонија.
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а на повеќе места ќе има локална нестабилност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Можно е и изолирано невреме со појава на град, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, кој долж Повардарието повремено ќе засилува. Во западните делови ќе дува слаб до умерен, повремено засилен ветер од западен правец.
Минималната температура ќе се движи од 12 до 21 степен, а максималната ќе достигне од 27 до 33 степени.

Во Скопје ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во делови од котлината ќе има нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 30 степени.
До петок, под влијание на серија влажни и нестабилни воздушни маси, ќе се задржи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и грмежи. Локално, процесите ќе бидат поинтензивни и ќе преминуваат во краткотрајно невреме проследено со силен ветер и изолирана појава на град. Во петок се очекуваат пообилни врнежи од дожд, а поради продор на постудена воздушна маса од север ќе следува значително намалување на температурата.
Последните податоци на МВР говорат дека во Скопје имало најмногу штети од невремето. Според МВР, најголеми последици се регистрирани на подрачјето на СВР Скопје, каде до 22 часот вчера биле евидентирани 117 оштетени патнички возила, 35 оштетени покриви, 189 паднати дрвја, седум оштетени семафори, пет пожари и 10 повредени лица.