Во последните денови ВМРО-ОКГ и нивната медиумска машина, предводена од Драган Павловиќ Латас, започнаа нова валкана кампања против СДСМ и лично против претседателот Венко Филипче, наведува СДСМ во соопштение.
-Затоа што немаат што да кажат за труењето на целиот град Гостивар. Наместо да ја преземат одговорноста за тоа што илјадници граѓани беа отруени поради нивната неспособност и криминално управување, тие се обидуваат да создадат нов фронт – напад врз опозицијата. Кога немаат одговор за Гостивар, кога немаат одговор за празниот буџет, кога немаат одговор за економската криза – тогаш го напаѓаат Венко Филипче и СДСМ. Причината е едноставна и политичка: Мицкоски и ВМРО-ОКГ се во слободен пад. ВМРО изгуби повеќе од 150.000 гласови, а рејтингот на Мицкоски, поради секојдневните лаги, е на дното. Се обидоа преку измените на Изборниот законик да овозможат кражба на 200.000 гласови од дијаспората. Не им успеа, велат од опозицијата.
Додаваат дека нивниот рејтинг постојано опаѓа, а рејтингот на Венко Филипче и СДСМ секојдневно расте.
-Тие веќе се плашат од СДСМ како партија – тие се плашат и од Венко Филипче како јасна и растечка алтернатива.Затоа и ја активираа целата своја пропагандна машина. Затоа и Латас повторно ги вади старите лаги за Ковид, за модуларната болница и за се што можат да измислат. Не затоа што веруваат во тоа што го зборуваат, туку затоа што се обидуваат да го сопрат подемот на Филипче и да го свртат вниманието на јавноста од катастрофата во Гостивар. ВМРО-ОКГ нема одговор за труењето на цел град, никој не презима одговорност. Нема одговор за тоа зошто институциите не функционираат. Нема одговор зошто граѓаните беа оставени сами. Затоа и напаѓаат, велат тие.
Додаваат дека граѓаните не се наивни. Тие знаат зошто одеднаш се појави оваа кампања.
-И знаат дека зад секој напад на Венко Филипче стои стравот на Мицкоски од вистината за Гостивар и од растечката поддршка за СДСМ. Вистината е една: колку повеќе расте СДСМ и Венко Филипче, толку повеќе паничи Мицкоски. А колку повеќе паничи Мицкоски, толку повеќе валкана станува нивната пропаганда, стои во соопштението на СДСМ.


