Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Жерновски, на денешната прес-конференција упати остри критики до Владата, тврдејќи дека одлуката на САД да ја запре обработката на имигрантски визи за македонските граѓани е јасен политички сигнал, а не техничка пауза. Според него, ова е резултат на политиките на изолација кои скапо ја чинат државата.

Жерновски посочи дека премиерот Христијан Мицкоски не дал одговор зошто Македонија се најде во друштво на земји како Сомалија и Сирија. Тој го искритикува и настапот на министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, нарекувајќи ја неговата дипломатија „киндер дипломатија“.

„Мицкоски го надмина својот претходник Груевски. Додека Груевски заврши на црна листа, Мицкоски ја стави целата држава на црна листа. Вашингтон внимателно ја следи состојбата и гледа проблеми во функционирањето на институциите“, изјави Жерновски.

Exit mobile version