Жената која Хаг сака да ја уапси покрај Путин, се пофали дека посвоила дете од Украина

Меѓународниот кривичен суд во Хаг денеска издаде налог за апсење на Владимир Путин поради сомнение дека е одговорен за нелегална депортација на деца и илегално пренесување на луѓе од територијата на Украина во Руската Федерација. Покрај Путин, Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде и налог за апсење на неговата комесарка за правата на децата, Марија Алексеевна Лвова-Белова, под истите обвиненија за нелегална депортација на украински деца.

Лвова-Белова, која во руските медиуми ја нарекуваат „Мајка Русија“ на таа позиција беше назначена од Путин во 2021 година. Таа неодамна се појави на насловните страници, кога сподели информации на нејзиниот канал на Телеграм дека помага да се поврзат украинските деца со руските родители кои се надеваат дека ќе ги посвојат.

Во пролетта 2022 година, Лавов-Белова посвои украински тинејџер од Мариупол. „Кога ги донесовме во Русија да се опорават малку, почна приказната дека зборувале негативно за Путин, кажувале секакви грди работи, ја пееле украинската химна и сето тоа. Така што, постои таква негативност , можеби на почетокот, но потоа се претвора во љубов кон Русија“, изјави Лвова-Белова, пренесува BBC.

Си-Ен-Ен во февруари објави дека Лвова-Белова постојано ги посетувала териториите окупирани од Русија во Украина и се погрижила украинските деца да бидат депортирани во Русија, каде потоа биле посвоени од руски семејства. Путин ѝ дал дозвола да преземе дополнителни мерки за враќање на децата без родителска грижа од нелегално анектираните украински територии на Русија, вклучувајќи ги регионите Запорожје, Керсон, Луганск и Доњецк.

На нејзиниот канал на Телеграм, Лвова-Белова често споделува фотографии и видеа од деца кои изгледаат како да уживаат во своите нови семејства.

„Сега знам како е да се биде мајка на посвоено дете од Донбас“.

Се верува дека комесарката за деца на Путин досега посвоила 22 деца, а во февруари годинава даде изјава за руските медиуми во врска со посвојувањето на 15-годишно момче.

„Сега знам како е да се биде мајка на посвоено дете од Донбас. Тешко е, но дефинитивно се сакаме. Мислам дека можеме да поминеме низ сè заедно“, рече Марија Лвова-Белова во разговор со Путин, објавија медиумите.

Лавов-Белова, која е под санкции на Западот поради поддршката на руската инвазија на Украина, тогаш изјави дека го посвоила 15-годишното момче од Донбас благодарение на помошта на Владимир Путин.

Најмалку шест илјади украински деца се депортирани од окупираните територии во Русија, објави американска студија, сето тоа под водство на Лвова-Белова.

17.03.2023 - 20:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега