Српскиот претседател Александар Вучиќ, за време на посетата на селото Темска кај Пирот, најави дека во претстојниот период ќе следува значителен раст на пензиите, минималната плата и примањата во јавниот сектор.

За време на обраќањето, Вучиќ се осврна на финансиската состојба на земјата и плановите за подобрување на стандардот.

„Да им соопштам добри вести на оние кои се постари: ќе има значително зголемување на пензиите, не само она што ќе го добивате еднаш месечно, туку ќе има значително зголемување на пензиите, ќе има значително зголемување на платите во јавниот сектор, ќе има значително зголемување на минималната плата. Немаме проблеми со јавниот долг, ние сме земја со ниски долгови“, рече Вучиќ.

Покрај економските најави, српскиот претседател истакна дека депопулацијата и нискиот наталитет остануваат најголем предизвик за државата.

„За 10 години изгубивме речиси 500.000 луѓе затоа што немаме деца“, рече Вучиќ.

Тој додаде дека и покрај негативните трендови на национално ниво, во Пирот оваа година е регистриран поголем број новороденчиња во споредба со претходната година.

Exit mobile version