Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) денеска одржа редовна седница на која беа донесени неколку клучни одлуки за справување со летните предизвици и за енергетската независност на општините.

Како што информираше претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, една од најважните одлуки е формирањето на кризен противпожарен штаб, кој ќе овозможи побрза и поефикасна меѓуопштинска координација при евентуални пожари во текот на летото, во соработка со централните власти.

„Безбедноста на граѓаните, заштитата на имотот и навремената реакција мора да бидат наш заеднички приоритет. Токму затоа, преку ЗЕЛС ја зајакнуваме меѓуопштинската соработка и градиме систем кој ќе може да одговори координирано, одговорно и ефикасно во моменти кога тоа е најпотребно“, изјави Ѓорѓиевски.

На седницата присуствуваше и новиот претседател на Регулаторната комисија за енергетика, Ацо Ристов. Со него локалните власти разговараа за можностите за основање на локални енергетски претпријатија.

Според планот, ова треба да биде важен чекор кон енергетска независност на општините. Идејата е со користење на електричната енергија произведена од соларни панели и нејзино пласирање на пазарот, општините да обезбедат дополнителни приходи за нови проекти и подобри услуги за граѓаните.

„ЗЕЛС останува силен партнер на општините и простор каде се носат решенија што значат поголема стабилност, подобра координација и посигурна иднина за сите граѓани“, заклучи претседателот на ЗЕЛС.

Exit mobile version