Собранието попладнево, во рамки на својата 102. седница, усвои повеќе предлог-закони по скратена постапка. Меѓу поважните законски измени кои ја добија поддршката од пратениците се оние за ЈП Македонска радиодифузија, за внатрешни работи, за полиција, како и измените на Законот за финансиска поддршка на инвестиции.
За време на расправата, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, истакна дека со новите решенија во МВР се става крај на претходните партиски вработувања на несоодветни кадри. Тој најави враќање на професионализмот преку отворање на посебна образовна институција.
„Сега тоа нема да се прави, туку се формира средно полициско училиште од каде што државата ќе ги црпи најдобрите кадри коишто веќе ќе бидат подготвени за оној позив којшто значи полициска работа“, нагласи Петрушевски од собраниската говорница.
Петрушевски додаде дека реформите веќе даваат резултат во секојдневниот живот на граѓаните, посочувајќи дека веќе нема редици за лични документи, ниту пак се издаваат пасоши на криминални структури.
„Сега Македонија е држава којашто има кредибилитет, углед – меѓународен“, подвлече пратеникот, додавајќи дека власта нема да дозволи уличниот криминал и трговијата со дрога да го загрозуваат јавниот ред.
Седницата беше прекината од пратеникот Антонијо Милошоски, кој образложи дека точките поврзани со меѓународното задолжување за буџетски потреби кај странски банки, како и Годишниот извештај за работата на Судскиот совет за 2025 година, ќе бидат разгледани дополнително, кога ќе се создадат деловнички можности.
Паралелно, пратениците ја завршија и 97. седница на која беа усвоени повеќе измени во образовната сфера. Меѓу нив се измените во Законот за основно образование за усогласување со електронските документи, како и измените во Законите за образование на возрасните и за стручно образование, со кои се регулираат трошоците за верификација на програмите и платите во Центарот за развој на стручното образование.


