Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска престојува во Атина, каде што ќе оствари средби со грчкиот претседател Константинос Тасулас, премиерот Кирјакос Мицотакис и претседателот на парламентот Никтас Какламанис. Според најавите, енергетиката и природниот гас ќе бидат во центарот на разговорите.

Од безбедносни причини, посетата беше официјално соопштена дури утрово. Во исто време, грчката полиција донесе одлука да забрани собири и протести во Атина од 6:00 до 22:00 часот, како во центарот на градот така и во неколку околни населби.

Зеленски преку Икс најави дека главната цел на посетата е постигнување енергетски договор со Грција.

„Денес веќе подготвивме договор со Грција за гас за Украина, што ќе биде уште една рута за снабдување со гас, со цел што е можно повеќе да се обезбедат увозите за зимата“, посочи украинскиот претседател.

Ова е прва негова посета на Атина по август 2023 година, кога присуствуваше на неформална вечера организирана од премиерот Мицотакис по повод 20-годишнината од Солунската агенда за ЕУ интеграцијата на земјите од Западен Балкан.

Exit mobile version