Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска се обрати на Светскиот економски форум во Давос со остар говор, во кој ги критикуваше европските лидери поради, како што рече, неодлучноста, одолговлекувањето и прекумерното потпирање врз Соединетите Американски Држави во клучните безбедносни прашања, вклучително и Украина и Гренланд, објави Би-би-си.

Зеленски го започна обраќањето со алузија на филмот „Бескраен ден“, во кој главниот лик постојано го проживува истиот ден. Тој истакна дека никој не сака да живее во таков циклус на повторување со денови, недели, месеци и години, додавајќи дека токму така, според него, денес функционира светот.

Тој оцени дека во последните денови глобалното внимание е пренасочено кон Гренланд, но без јасна визија за тоа што Европа навистина планира да направи. Според Зеленски, многу европски лидери сè уште не знаат како да постапат и изгледа како да чекаат САД да се „оладат“ околу ова прашање, надевајќи се дека темата ќе исчезне сама од себе.

Во продолжение, украинскиот претседател направи паралела со Иран, каде што протестите, како што рече, биле задушени со крв, а потоа повторно се осврна на војната во Украина. Тој го спомена и примерот со Венецуела, посочувајќи дека претседателот Николас Мадуро се наоѓа во Њујорк и чека судење, додека рускиот претседател Владимир Путин не се соочува со никаква одговорност.

Зеленски ѝ се заблагодари на Европа за замрзнувањето на руските средства, но нагласи дека нивната употреба за одбраната на Украина била блокирана токму во најкритичниот момент. Тој истакна дека не постои вистински напредок во воспоставувањето меѓународен трибунал за руската агресија врз Украина, и покрај бројните состаноци, прашувајќи дали проблемот лежи во времето или во недостигот од политичка волја.

Говорејќи за европската безбедност, Зеленски порача дека Европа мора да биде способна самостојно да се брани. Тој потсети дека иако некои земји ги зголемиле трошоците за одбрана, многу од нив не ги исполнувале ниту сопствените обврски сè додека американскиот претседател Доналд Трамп не извршил притисок. Запраша каква порака тоа им испраќа на Русија и Кина, додавајќи дека испраќањето 40 војници за заштита на Гренланд е „апсурден потег“ кој нема суштинско значење.

Зеленски нагласи дека Украина има капацитет да го брани Гренланд, бидејќи знае како се води борба во такви услови, но посочи дека тоа би било возможно доколку Украина беше членка на НАТО. Тој предупреди дека Европа се однесува како некој друг да ќе го реши прашањето со Гренланд, додека, во меѓувреме, рускиот воен механизам продолжува да се движи.

Украинскиот претседател ги критикуваше и Европа и САД затоа што не ја спречиле продажбата на компоненти за ракети на Русија, нагласувајќи дека додека Западот молчи, Путин продолжува со производство на ракети. Тој откри дека во разговорите со САД му било советувано да не спомнува одредени системи за вооружување за да не се наруши „атмосферата“, додека во Европа, според него, се води бескрајна внатрешна дебата која ја спречува отворената и искрена дискусија за решенијата. Европа, оцени Зеленски, наместо да стане вистинска глобална сила, останува „убав, но фрагментиран мозаик од мали и средни сили“.

Тој истакна дека американскиот претседател нема да се промени и оцени дека некои европски лидери се „од Европа, но не и за Европа“, предупредувајќи дека позицијата на САД се менува, но дека никој не знае со каква брзина и во која насока.

Говорејќи за можен прекин на огнот, Зеленски изјави дека сè уште не е постигнат договор со САД за безбедносни гаранции, кои ги смета за клучни. Тој праша зошто САД можат да запираат танкери од таканаречената руска флота во сенка и да запленуваат нафта, додека Европа тоа не го прави, иако токму таа нафта што минува покрај европските брегови го финансира руското војување против Украина. „Ако Путин остане без пари, нема да има ниту војна за Европа“, порача Зеленски.

Осврнувајќи се на средбата со Доналд Трамп, Зеленски рече дека документите насочени кон завршување на војната се речиси подготвени и дека Украина работи искрено и решително, додека Русија мора да покаже подготвеност да ја прекине агресијата. Тој додаде дека претходните разговори со САД резултирале со испорака на противвоздушни ракети и разговори за заштита на небото, изразувајќи надеж дека Вашингтон ќе продолжи да стои зад Украина.

На крајот од говорот, Зеленски повика на силна и обединета Европа и нагласи дека континентот има потреба од независна Украина која еден ден би можела да ги брани и другите. Тој порача дека на Украина ѝ се потребни конкретни дела, бидејќи од нив произлегува светскиот поредок, истакнувајќи дека без дејствување денес, нема утре. Говорот го заврши со пораката: „Слава на Украина“, објави Скопје1.мк.

Exit mobile version