Украинскиот претседател Володимир Зеленски во ексклузивно интервју за француската телевизија „Франс 2“ порача дека опстанокот на Украина е под директен удар, но изрази силен оптимизам дека мирот е можен во рок од десет до дванаесет месеци. Зеленски беше дециден во својата оценка за рускиот лидер, тврдејќи дека Владимир Путин нема страв од европските лидери.
„Путин не се плаши од Европејците. Путин се плаши само од Трамп, тоа е факт. Што Трамп има да му каже на Путин не е моја работа“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека иако го поддржува американскиот ентузијазам за ставање крај на војната преку компромис, Украина нема да прифати решение кое би го нарушило нејзиниот државен суверенитет. Зеленски предупреди дека губењето на војната би значело дефинитивен крај на украинската независност, сценарио кое тој го опиша како „апсолутно ужасно“.

