Не само што Украина мора да се одбрани, туку и заедно со цела Европа и САД мора да извршиме притисок врз рускиот претседател Владимир Путин за да ја запре војната, објави украинскиот претседател Володимир Зеленски на Икс.

– Благодарен сум и на Европската Унија што денеска го одобри 19-тиот пакет санкции кон Русија, ограничувајќи ја флотата за нафта во сенка и банкарските и финансиските системи, забранувајќи увоз на руски течен природен гас и, првпат, воведувајќи санкции против крипто шеми и платформи. Многу важна одлука, наведе Зеленски, кој денеска престојува во Брисел каде учествуваше во дебатата во рамки на Самитот на ЕУ посветена на состојбата во Украина.

Зеленски посочи и дека на состанокот на Европскиот совет им се обратил на лидерите на ЕУ во „многу важен момент“ кога Русија активно се обидува да го користи студеното време како оружје.

– Украина знае што да прави за да ги спречи најлошите сценарија, а тоа бара решителна и итна колективна акција, потенцира украинскиот претседател.

Според него, дел од заедничката одбрана на Украина и ЕУ е и процесот на проширување на Унијата, кој придонесува за геополитичката безбедност на Европа.

– Ве повикувам да пронајдете начин ЕУ да ги одржи своите ветувања, исто како што Украина ги одржува своите, вели Зеленски.

Тој во објавата им се заблагодарува на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и на лидерите на ЕУ затоа што „гарантираат дека Европската Унија ќе продолжи да стои крај Украина“.

– Многу е важно што заедно бараме начини да ја гарантираме отпорноста и заштита и за Украина и за сите во Европа, потенцира Зеленски.

Пред Самитот, тој имал и билатерална средба со Кошта, со кого, како што наведе во објавата, разговарале за одбранбената помош за Украина, инструментот Безбедносна акција за Европа (САФЕ), за украинскиот пат кон членство во ЕУ и за чекорите потребни за отворање на преговарачките кластери.

– Важно е сите да дејствуваме решително и единствено. Ова е она што ќе помогне да се принуди Русија да ја прекине својата агресија, додаде Зеленски, притоа заблагодарувајќи му се на Кошта за поканата за учество на Самитот на ЕУ.

Exit mobile version